Најмалку 19 морнари се убиени, а 15 други се ранети во инцидент меѓу два брода на иранската морнарица, во близината на Ормутскиот Теснец, јави Би-би-си.
Според иранските медиуми, нова противбродска ракета, која била лансирана од фрегатата „Јамаран“, го погодила бродот за логистика „Конарак“ во Оманскиот Залив. Инцидентот се случил завчера, при воена вежба кај стратегиски важниот Ормутски Теснец, низ кој поминува околу една петтина од светската нафта.

Иранската државна телевизија објави оти бродот „Конарак“ бил погоден откако ја пренел целта за вежбање до својата дестинација, но не обезбедил доволно растојание меѓу себе и целта врз која требало да биде тестирана новата противбродска ракета. Иранската морнарица соопшти дека оштетениот брод бил извлечен до брегот и дека е поведена истрага за инцидентот. „Конарак“ е 47-метарски брод за логистика, кој е произведен во Холандија и е транспортиран во Иран пред Исламската револуција во 1979 година.