Иранската елитна Револуционерна гарда претстави денеска балистичка ракета „земја-земја“, за која тврди дека има дострел од 1.000 километри.

Церемонијата за претставување на ракетата е одржана во подземната ракетна постројка, опишана како „подземен град“, соопштија иранските медиуми. Настанот се случи во момент кога се одбележува 40-годишнината од Исламската револуција.

Ракетата е наречена „дезфул“, всушност верзија на ракетата „золфагхар“ која има дострел од 700 километри и боева глава со тежина од 450 килограми.

Иран поседува ракети „земја-земја“ со дострел од околу 2.000 километри, што е доволно да достигнат до израелските и американските воени бази во регионот.