Иранските власти уапсија Иранец кој ја обезглавил ќерката тинејџерка на спиење минатата недела, пренесува ИРНА. Злосторството, наводно, се случило откако избегала од дома со еден постар маж, со што случајот се третира како убиство за заштита на честа.

Ромина Ашрафи (13), наводно, избегала од својот дом во северната провинција Гилан, против волјата на нејзиниот татко, со 35-годишен маж во кој се вљубила. Според иранскиот исламски закон, на девојчињата им е дозволено да стапат во брак од 13-годишна возраст иако просечната возраст за брак е 23.

– Откако полицијата ја пронашла и ја вратила дома, таткото на Ашрафи со срп ѝ ја отсекол главата додека таа спиела. По убиството, тој бил уапсен и го признал злосторството во локалната полициска станица – потврдил гувернерот на Талеш за ИРНА. Тој додал дека понатамошните детали за овој случај ќе бидат објавени по правниот процес.
Гневот поради убиството се рашири на социјалните мрежи по извештаите дека властите добиле повторени предупредувања оти Ашрафи ќе биде во опасност ако биде принудена да се врати дома. Како законски старател на жртвата, таткото не се квалификува за исламскиот исклучок „кисас“, што овозможува полесни казни во случаи на одмазда за правда. Сепак, тој се соочува со мала, десетгодишна казна затвор за извршување на злосторството.

Иранскиот претседател, Хасан Рохани, го повика својот кабинет да донесе построги казни за убиствата за заштита на честа, генерално извршени од роднини кои веруваат дека нивната чест е извалкана како резултат на сексуалното однесување на нивен роднина.

Нема официјална статистика за бројот на убиства за заштита на честа во Иран иако некои студии проценуваат дека тие претставуваат 20 отсто од случаите на убиства. Овие бројки фрлаат уште посилна светлина врз застрашувачкото кршење на човековите права во земјата, во голема мерка инспирирани од строгото придржување кон шеријатот, односно исламскиот закон.