Ирак ги повикува странските држави да ги примат децата на нивните државјани, борци на Исламската држава (ИД), кои моментно се во тамошните затвори, пишува весникот „Нешнл“. Ирак на тој начин повикува на репатријација на децата, односно на враќање во нивната татковина.

– Ги повикуваме сите дипломатски мисии во Ирак, да ги примат нивните државјани кои ги отслужиле затворските казни, како и децата кои не се осудувани – кажа Ахмед Махџуб, министерот за надворешни работи на Ирак.

Најмалку 833 деца од 14 различни националности моментно се во ирачките затвори, според податоците на Командата на здружените операции која ја води борбата против ИД. 

– Ирак ги информираше сите земји чии државјани се затворени. Веќе разговаравме со амбасадите на Германија, Азербејџан и Русија и на другите држави да ги примат назад – се наведува во соопштението од ирачките власти.

Децата над деветгодишна возраст можат да се соочат со затворска казна до 15 години, доколку се осудени за насилни дела, според ирачките закони. Не е познато дали децата во затворите се осудени за тероризам. 

Здруженијата за заштита на човековите права апелираа до властите во Багдад да го сменат пристапот при справување со децата и жените поврзани со милитантни организации. 

Ирачкиот премиер Хајдер ал Абади минатата година порача оти Багдад ќе „најде начин да ги врати жените и децата, што ќе бидат ослободени, во нивните матични држави“. 

Минатата недела во Ирак беа погубени 13 лица осудени за тероризам, неколку часа откако ал Абади издаде наредба за егзекуција на стотици затвореници осудени на смртна казна, како одговор на убиството на припадниците на ирачките безбедносни сили, од страна на терористите.