Ирак бара начин да избегне уште еден воен конфликт откако избија тензии поради американското воено присуство во државата, пишува „Њузвик“. Ирак бара од САД да ги повлечат воените сили, оставајќи само кадар кој ќе ја спроведува мисијата за обука и советување која е во тек.

Но планот веќе наиде на сомнеж од оние кои се несигурни во способноста на Ирак за справување со заканите како што е Исламската држава, без поддршка од САД. Од друга страна постојат повици и за комлетно воено повлекување на САД од државата.

Моментно се одвива четвртата сесија од стратешкиот дијалог помеѓу САД и Ирак во Вашингтон, односно втора откако американскиот претседател Џо Бајден стапи на функцијата.

– Според моето мислење, ќе постигнеме договор в петок и потоа ќе биде објавено дека американските борбени сили нема да останат во Ирак – кажа ирачкиот министер за надворешни работи Фуад Хусеин во интервју за „Гласот на Америка“.

Претставници од администрацијата на Бајден соопштија дека нови детали ќе бидат познати по денешните разговори помеѓу американскиот претседател и ирачкиот премиер Мустафа ал Кадими.

– Како што ќе продолжи процесот и ние официјално ќе ја завршиме борбената мисија, ќе стане јасно дека нема да има американски сили со борбена улога во државата. Ирак побара, а ние се согласуваме, дека им е потребна континуирана обука, поддршка со логистика, разузнавање и советување – кажа претставник на администрацијата на Бајден.

Поддршката на американската војска е клучна во ирачката стратегија за сузбивање на Исламската држава, но присуството на околу 2.500 американски трупи предизвика поделени мислења во Ирак кој има блиски врски со Иран.