Меѓународната организација за миграција (ИОМ) го опиша Јемен како опасно место за заглавените мигранти и повика да им помогне безбедно да се вратат во своите домови, пренесува „Мидл Ист монитор“.

– Јемен е опасно место за заглавените мигранти. Да им помогнеме безбедно да се вратат дома е хуманитарен императив – објави ИОМ на Твитер.

ИОМ додаде дека во вторникот го организирале вториот повратен лет од Аден до Адис Абеба од почетокот на пандемијата на коронавирус, помагајќи им на 160 заглавени мигранти достоинствено да се вратат дома.

Претходно во понеделникот, организацијата објави дека дури 34 мигранти загинале крај брегот на Џибути откако нивниот брод се превртел. Мигрантите ги превезувале шверцери со луѓе.

Според организацијата, ова е втора трагедија од ваков вид за нешто повеќе од еден месец, бидејќи во март 20 лица загинаа, а неколку други беа повредени. На почетокот на март, милицијата Хути запали притвор за имигранти во главниот град Сана, убивајќи и ранувајќи околу 900 лица.