Најмалку 20 затвореници загинаа при обид за масовно бегство од затвор во северниот дел на Бразил, а во инцидентот бил убиен и еден затворски чувар.

Како што соопшти бразилската полиција, во обидот за бегство затворениците биле потпомогнати од вооружена група, која го нападнала затворот „Санта Изабел“ во сојузната држава Пара. При тоа припадниците на вооружената група и неколкумина затвореници кои имале оружје, се судриле со полицијата.

При престрелката се ранети уште петмина чувари, од кои еден е во критична состојба.

Според податоците на бразилскиот Национален совет за правда, во затворот „Санта Изабел“ имало најмалку 632 затвореници, иако неговиот капацитет бил за 432 лица.

Организациите за заштита на човековите права редовно упатуваат критики за состојбите во затворите во Бразил, кои вклучуваат и обвинувања дека дел од затворските институции се под контрола на криминални групи.