Според последните извештаи на Светската здравствена организација (СЗО), Европа и Азија бележат исклучително голем број заразени и починати како последица од пандемијата на коронавирусот. Ханс Клуге, регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), истакна дека зголемувањето од 55 отсто на нови случаи на коронавирусот во изминатите четири недели на континентот се должи на ниските стапки на вакцинација и слабите превентивни мерки. Тој додаде дека Европа, но и Централна Азија сочинуваат 59 отсто од вкупниот број случаи на светско ниво и 48 отсто од пријавените смртни случаи

Европа и Азија на црната листа на СЗО поради пандемијата на коронавирусот

Дали Стариот Континент по петти пат ќе биде старо-новото бојно поле на глобалната битка со коронавирусот и може ли последните случувања со ковид-19 во државите од Европа да ја влошат глобалната слика за сузбивање на пандемијата? Овие дилеми се актуелни деновиве откако по катастрофата што се развива во Европа, но и во Азија, во однос на високиот број инфицирани од ковид-19, СЗО ги стави овие два континента на црната листа на идни жаришта на пандемијата во пресрет на зимата.
Ханс Клуге, регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), истакна дека зголемувањето од 55 отсто на нови случаи на коронавирусот во изминатите четири недели на континентот се должи на ниските стапки на вакцинација и слабите превентивни мерки. Тој додаде дека Европа, но и Централна Азија сочинуваат 59 отсто од вкупниот број случаи на светско ниво и 48 отсто од пријавените смртни случаи.
Угледниот магазин „Гардијан“ во свој осврт на случувањата за Европа пишува дека она што е сериозно на континентот е тоа што земјите што се со кревок здравствен систем, особено како Романија, Бугарија, но и други, имаат уште послаб надзор од властите во однос на спречување на ширењето на опасната инфлуенца и по две години од пандемијата. Според медиумот, во некои европски земји пред доаѓањето на зимата хаотичната состојба со коронавирусот има огромната можност од локално да премине на глобално ниво, бидејќи вакви слики со зарази од толку голем обем сè уште не се забележани од почетокот на пандемијата.

Зимата голем предизвик за сите

Медиумите алармантно ги пренесуваат изјавите на здравствените експерти дека честото престојување во затворени простории, покрај послабата употреба на заштитни маски, како и ширењето на новиот делта-сој, доведоа до раст на бројките.
Во исто време, СЗО прогнозира дека здравствените системи во 43 земји во регионот и околу Европа ќе се соочат со „високо до екстремно оптоварување“ оваа зима. Како што Стариот Континент влегува во втората зима од пандемијата, владите повторно се соочени со тешки избори пред себе во однос на тоа како да ги сведат инфекциите на ниско ниво за да можат истовремено да се спасуваат животи и да се заштитат здравствените системи од прекумерно оптоварување додека се избегнуваат строги рестриктивни мерки што им задаваат удар на економиите и влијаат врз менталното здравје на граѓаните.

Слабото темпо на вакцинација причина за зголемениот број

Во меѓувреме, експертите од СЗО посочија дека низ светот биле забележани големи варијации во имунизацијата со вакцината против ковид-19. Досега се аплицирани повеќе од една милијарда дози вакцини во државите низ светот, но само околу 47 отсто од светската популација се целосно вакцинирани.
– Трансмисијата е висока во многу земји од Европскиот Регион. Секако, Европа како континент е силно меѓусебно поврзан, дури и многу повеќе од другите региони, па затоа тоа може да биде фактор за начинот на кој еволуира пандемијата – изјави д-р Кетрин Смолвуд, од тимот за кризни состојби на СЗО.
Паралелно на овие бројки, повеќето земји од ЕУ почнаа да даваат трета доза на вакцината за најранливите категории или за оние изложени на поголем ризик од инфекција, истакна Марко Кавалери, шефот за биолошки здравствени закани и вакцинациска стратегија во Европската агенција за лекови (ЕМА). ЕМА наведува дека во моментов нема особена загриженост кога се користи засилувачка доза покрај веќе познатите несакани ефекти од примарната вакцинација.
Интересно е што регулаторните медицински тела размислуваат и за воведување четврта доза кај имунокомпромитираните лица од идната година. ЕМА веќе работи на прибирање податоци и се очекува во блиска иднина да излезе со официјални препораки, пишува магазинот „Политико“.