Медлин Мекен исчезна во 2007 година

Две недели откако Германците идентификуваа осомничен, нема дополнително разјаснување, настрана од тврдењата и шпекулациите

Одненадеш, по повеќе од 13 години откако исчезна Медлин Мекен, се чинеше дека на повидок е разрешница на случајот, кога германската полиција идентификуваше нов осомничен и покрена меѓународен апел за информации, пишува „Гардијан“.

Непосредни докази го доведоа Кристијан Брикнер, осудуваниот педофил кој моментно е во затвор, во португалскиот град Праја до Луш на денот на исчезнувањето на Медлин – 3 мај во 2007 година.

– Тоа беше вистинска бомба во Германија. На сите веднаш ни стана јасно оти ова ќе биде големо откритие – вели Роман Лебергер, новинар на „Шпигел“.

Но, одговорите кои семејството Мекен очајнички ги бараше допрва треба да бидат пронајдени. Дури и германскиот обвинител укажа на „конкретните докази“ според кои Медлин е мртва, во сагата која многумина ја гледаат како една од најнепријатните во историјата на британските медиуми. Таа е исполнета со остри несогласувања помеѓу полициските сили, како и војувањето на социјалните мрежи и сомнителните тврдења кои се пренесувани како факти, а во центарот на сите случувања се наоѓа семејството чија единствена одбрана против светот претставува тишината.

Со стотици траги кои стигнаа до полицијата, фактот дека случајот уште не е решен треба да биде сметан за причина оти тоа нема никогаш да се случи.

Набљудувачите на циркусот што ја следеше приказната на Медлин Мекен, сметаат дека во вакуумот создаден од чекањето за јасен одговор, наративот се насочил кон очекуваното однесување.

Д-р Џон Синот, кој предава истражувачка и форензичка психологија на универзитетот во Хадерсфилд, објави студија во 2017 година, за однесувањето на интернет-троловите кои тврдат дека Кејт и Гери Мекен се виновни за исчезнуваењто на нивната ќерка, иако сите докази го тврдат спротивното. Три години подоцна, однесувањето на опфатените во студијата останува исто, според Синот.

Една вест на популарна платформа за дискусија, чии членови го обвинуваат семејството Мекен, опфати речиси илјада коментари во една вечер, додека тематиката поврзана со случајот останува актуелна за разни шпекулации. Интернет-троловите се нафрлаат на новите информации обидувајќи се на најдат сопствен агол за нивно толкување.

Ако троловите го прикажуваат очекуваното однесување, тоа се однесува и на дел од медиумите кои објавуваат тврдења од „втора рака“ од анонимни извори за признанието на Брикнер.

Во меѓувреме, се известува оти полициските сили на трите држави (Велика Британија, Португалија и Германија) вклучени во истрагата имаат несогласувања поврзани со нивното постапување во случајот.

Додека полицијата не ги испита сите траги, случајот останува нејасен и отворен за шпекулации.

Тогаш тригодишната Медлин Мекен исчезна од апартман во португалското летувалиште Праја до Луш на 3 мај 2007 година, додека нејзините родители Кејт и Гери биле на вечера во ресторан во близина.

Британската полиција покрена истрага во 2011 година, откако португалските власти не успеаја да дојдат до одговори во случајот. Досега се потрошени околу 14 милиони евра за финансирање на напорите за пронаоѓање на девојчето, но нема конкретни одговори ниту по 13 години од нејзиното исчезнување.