Интернет-провајдерите не можат да ги воспостават нивните услуги во одредени држави бидејќи техничките и законските предизвици се огромни. Но, вселенската компанија „Спејс екс“ на Илон Маск работи на нови вселенски летала опремени со ласери, кои наскоро ќе може да ги пробијат железните завеси и да овозможат брз интернет-пристап до милиони корисници кои живеат во земјите со авторитарни режими, пренесува „Кварц“.

„Старлинк нетворк“ пренесува Интернет преку вселената благодарение на 1.740 сателити кои се лансирани на околу 800 километри над Земјата. Но, за „Старлинк нетворк“ останува еден клучен предизвик – корисниците треба да бидат во близина на копнена станица што е вклучена на Интернет, така што сателитите можат да спроведуваат податоци меѓу нив. Маск би можел да ги постави овие станици во авторитарни земји, каде што на помош доаѓаат ласерите.

Новите вселенски летала, кои се очекува да бидат подготвени во мај в година, се опремени за оптичка ласерска комуникација. Тоа значи дека наместо потребата од копнена станица, корисникот може да ги испраќа податоци преку „Старлинк“ до која било станица во близина од неколку километри. На тој начин, корисниците би можеле да се најават во глобалната комуникациска мрежа за да ги споделат своите приказни, да пријават прекршувања на човековите права и да организираат протести.

Но, не е сѐ така едноставно, бидејќи „Старлинк“ терминал чини 500 долари, а месечниот пристап до нивниот Интернет 99 долари, што значи дека потенцијалните корисници ќе треба да имаат пристојна сума пари, или да бидат добро финансирани од трети лица.

Друг голем предизвик за испорака на Интернет без дозвола од авторнитарните земји се законските правила за пренос на радиосигнали. На прашањето што би можеле тие земји да сторат против „Старлинк“, Маск одговори дека „тие можат само да ги кренат гневно своите тупаници кон небото“. Се чини дека тоа се однесува на државите како што се Авганистан, Северна Кореја или Венецуела. Но, некои други земји веројатно ќе можат да направат многу повеќе од гневното мавтање со тупаници кон небото.

Сателитската комуникација не ја гарантира ниту безбедноста. Автократите кои поседуваат модерна технологија, или оние кои имаат сојузници со таква технологија, можат да го следат сателитскиот пренос на податоци. Во 2012 година, новинарката Мери Колвин беше убиена во граѓанската војна во Сирија откако вооружените сили на земјата влегоа во трага на нејзиниот сателитски телефон, што значи дека нема да помине многу време пред репресивните режими да развијат алатки за да ги ловат корисниците на „Старлинк“.