Инспектори од Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) минатата недела извршиле проверки на ненајавено место во Русија, информира „Краснаја ѕвезда“, официјален весник на руското Министерство за одбрана.

Не е јасно дали инспекцијата била поврзана со труењето на Скрипал и неговата ќерка Јулија во Велика Британија во март, или станува збор за рутинска проверка.

ОПЦВ, чие седиште е во Хаг, е вклучена во истрагата за нападот врз Скрипал.

Минатиот месец, англиски суд им дозволи на експерти од Организацијата да ги испитаат примероците крв земени од Скрипал и ќерка му. Инспекторите на ОПЦВ, исто така, ја испитуваат отровната супстанција употребена во нападот.