Индонезиските спасувачки служби ги извлекле од морето првите делови од човечки тела откако авион на компанијата „Лајон ер“ се урна утрово во морето набргу по полетувањето од Џакарта, соопштија властите.

Откако ги пронајдоа остатоците од леталото на површината на Јаванското море, спасувачите се обидуваат да го пронајдат и трупот на авионот, пренесува Ројтерс.

Пилотот на авионот, кој превезувал 189 патници и членови на екипажот, побарал леталото да се врати на аеродромот, пред да биде загубен контакт со авионот 13 минути по полетувањето.

Индонезиската авиокомпанија соопшти дека целосно новиот авион, кој околу 6:20 часот по локално време полетал кон Пангкал Пинанга на остров крај Суматра, превезувал 181 патник, меѓу кои едно дете, две бебиња, како и осум членови на екипажот, пренесува АП.

Во авионот се наоѓале и најмалку 23 владини службеници.

Инаку, авионот на индонезиската авиокомпанија „Лајон ер“ имал технички проблем и на претходниот лет, но тој проблем бил решен во согласност со процедурата на производителот, рече извршниот директор на оваа компанија.