НА ПОВИДОК НОВА ГЕОСТРАТЕГИСКА КАТАСТРОФА ВО АЗИЈА

Најновиот чекор на властите во Њу Делхи сигурно ќе доведе до зголемување на насилството во немирниот регион, а веќе се забранети јавни собирања и протести во долината Шринагар, каде што на улиците може да се забележат само воени и паравоени единици. Локалните муслимански власти предупредија дека со најновиот развој на настаните, Индија и де факто станува окупациска сила

Индиските власти најавија дека ќе ја укинат уставната автономија на спорниот регион Кашмир, кој досега веќе двапати беше причина за војна помеѓу Индија и Пакистан. Одлуката за укинувањето на членот 370 од Уставот, кој ѝ гарантира значителна автономија на единствената сојузна држава со муслиманско мнозинство, ќе стапи во сила веднаш штом ќе биде потпишана од индискиот претседател. Ваквиот чекор на властите во Њу Делхи сигурно ќе доведе до зголемување на насилството во немирниот регион, а веќе се забранети јавни собирања и протести во долината Шринагар, каде што на улиците може да се забележат само воени и паравоени единици. Локалните муслимански власти предупредија дека со најновиот развој на настаните, Индија и де факто станува окупациска сила.

Со измената на Уставот и укинувањето на членот 370, кои пред индискиот парламент ги најави министерот за внатрешни работи Амит Шах, се менува и специјалниот статус на Кашмир. Овој член, кој долго време е извор на тензии помеѓу муслиманското мнозинство во регионот и владејачката индиска националистичка Партија бхаратија јаната (БЈП), ѝ дозволува на сојузната држава Џаму и Кашмир да има сопствен устав, посебно знаме и независност во сите работи, освен за надворешните работи, одбраната и комуникацијата. Околу 12 милиони лица живеат во Џаму и Кашмир, немирниот хималајски регион, каде што е регистриран голем пораст на оружените напади од исламистичките бунтовници.

Укинувањето на уставната автономија на Кашмир претставува старо изборно ветување на хиндуистичките националисти и БЈП, предводени од премиерот Нарендра Моди. Таквите најави беа засилени и во кампањата за изборите што годинава се одржаа во мај и јуни, а на кои премиерот Моди оствари убедлива победа.
Бившата премиерка на Џаму и Кашмир, Мехбуба Муфти, остро реагираше на најновиот чекор на официјален Њу Делхи. Со таквиот чекор, според неа, Индија и официјално станува окупациска сила.

– Станува збор за најмрачниот ден за индиската демократија. Унилатералната одлика на индиската влада е нелегална и противуставна – порача Муфти, која беше ставена во куќен притвор само неколку часа по објавувањето на одлуката пред индискиот парламент.
Се огласи и претседателот на пакистанскиот дел на Кашмир, Сардар Масуд Кан, кој ја отфрли индиската одлука.
– Индија би можела да почне војна со Пакистан во таква ситуација – предупреди Масуд Кан.

Би-би-си оценува дека ситуацијата дополнително ќе се заостри и со најавата за поделба на оваа област, за што пред парламентот веќе е поднесен предлог-закон. Па така, според предлог-законот, Ладак, источниот дел со будистичко мнозинство, ќе биде одвоен. Истовремено, остатокот од Џаму и Кашмир, кој ги опфаќа рамнините со хиндуистичко населенине на југ и долината Шринагар со муслиманско мнозинство на север, ќе го загуби статусот на сојузна држава и ќе добие статус на „територија на Унијата“. Тоа значи дека ќе биде под директна власт на Њу Делхи и оти ќе нема речиси никаква автономија.

Пакистан и Индија веќе 60 години се во отворен конфликт поради Кашмир, а индискиот дел на спорната област е цел на чести напади на исламистичките екстремисти. Се проценува дека во овој конфликт досега животот го загубија над 68.000 лица. Покрај тоа, двете нуклеарни сили досега водеа три војни по 1947 година, кога станаа независни од британската империја. Интересно е тоа што две од трите војни беа токму поради Кашмир, областа што ја делат двете земји, но на чија сопственост инсистираат и Индија и Пакистан.


Одбрана на демографскиот карактер

Поддржувачите на законот, особено на членот 370 од Уставот, тврдат дека со неговото укинување индиската влада го погазува ветувањето дека ќе го штити специјалниот статус на Кашмир. Тие исто така стравуваат дека тоа ќе ја отвори државата за населување странци, што на крајот ќе доведе до големи демографски промени. Поголемиот дел муслимани во Кашмир, единствената сојузна индиска држава со муслиманско мнозинство, стравуваат дека хиндуистичките националистички групи ги охрабруваат Индусите да емигрираат во регионот.
Особено е интересен членот 35а од Уставот, кој ѝ овозможува на легислатурата на индискиот дел од Кашмир да ги дефинира „постојаните жители“ на државата и тоа што ги прави различни. Сите идентификувани жители добиваат сертификат за постојан жител, што, пак, им ги отвора вратите за специјални поволности поврзани со вработувањето, образованието и други привилегии. Но, сепак, најголема предност за постојаните жители е тоа што имаат право да поседуваат и купуваат имот во државата.


Високата невработеност и полициската бруталност го влошија проблемот

Многумина во индискиот дел на Кашмир не сакаат да бидат под власт на Индија, претпочитајќи, наместо тоа, или независност или сојуз со Пакистан. Над 60 отсто од населението во Џаму и Кашмир се муслимани, со што тоа е единствената сојузна држава во Индија со муслиманско мнозинство.
Високата невработеност и поплаките за прекршувања на човековите права од безбедносните сили, што се борат против уличните демонстранти и вооружените бунтовници, само дополнително ја влошија ситуацијата во областа. Екстремистичкото насилство беше во замав и наизменично опаѓање по 1989 година, но регионот се соочи со нови бран насилство и жртви по смртта на 22-годишниот бунтовнички лидер Бурхан Вани во јули 2016 година. Вани беше убиен во битка со безбедносните сили, а неговата смрт предизвика масовни протести во долината. Тој во најголем дел е заслужен за заживување и легитимизирање на вооружените бунтовници во регионот.
Над 500 лица беа убиени во 2018 година, највисока бројка во повеќе од една деценија, а меѓу жртвите се цивили, полицајци и војници, како и исламистички бунтовници.