Воени авиони на индиските воздухопловни сили ја поминаа контролната линија во спорниот Кашмир и бомбардираа територија под контрола на Пакистан, потврдија двете земји.

Индија соопшти дека во нејзините напади биле убиени голем број терористи. Акцијата е спроведена само неколку дена откако 40 индиски паравоени полицајци беа убиени во напад со автомобил-бомба во индискиот дел на Кашмир.

Индија тврди дека уништила камп за обука на терористи во регионот Џаба, со кој управува Пакистан, додека Пакистан соопшти дека го спречил нападот и „натрапниците“ биле избркани од неговиот воздушен простор.

Индискиот министер за надворешни работи Виџај Гокхале рече дека се работи за „не-воена превентивна акција“ чија цел бил камп за обука на исламистичката милитантна група Џаиш-е-Мохамад.

Групата ја презеде одговорноста за самоубиствениот напад со автомобил-бомба во Пулвама на 14 февруари во индискиот дел на Кашмир. Според кредибилни разузнавачки информации, исламистичката милитантска група Џаиш-е-Мохамад планирала уште самоубиствени напади во Индија.

Гокхале соопшти дека во кампот имало многу жртви и оти целата инфраструктура била уништена.

Од друга страна, портпаролот на пакистанската армија генерал-мајор Асиф Гафур изјави дека пакистански борбени авиони ги избркале „натрапниците“ надвор од својот воздушен простор пред зори. Тој не кажа дали имало жртви.

– Под присилно забрзано повлекување авионите пуштија товар кој падна во отворена област. Ниту една инфраструктура не беше погодена, ниту имаше жртви – објасни Гафур.

Веднаш потоа, официјален Исламабад истакна дека го задржува правото на одговор откако Индија призна дека влегла на негова територија во Кашмир.

– Индија ја наруши Линијата на контрола – изјави шефот на дипломатијата Шах Мехмуд Куреши, осврнувајќи се на границата која ја дели спорната територијата.

Премиерот Имран Кан свика итен состанок за да се дискутира за ситуацијата, информира Куреши.