Индиски воени авиони бомбардираа терористички кампови во пакистанскиот дел на Кашмир, при што наводно се убиени голем број екстремисти. Воздушните напади се одговор на претходниот напад на бомбаш-самоубиец, во кој беа убиени најмалку 40 индиски војници во делот на Кашмир што е под контрола на Индија.
Индиските власти тврдат дека во нападите е уништен камп за обука на терористи во регионот Џаба, со кој управува Пакистан, додека, пак, официјален Исламабад соопшти дека го спречил нападот и „натрапниците“ биле избркани од неговиот воздушен простор. Шефот на индиската дипломатија Виџај Гокхале порача дека се работи за „невоена превентивна акција“, чија цел бил камп за обука на џихадистичката група Џаиш-е-Мохамад.
Џаиш-е-Мохамад претходно ја презеде одговорноста за самоубиствениот напад во Пулвама, на 14 февруари, во индискиот дел на Кашмир. Според индиски разузнавачки извори, терористичката група планирала уште самоубиствени напади во Индија. Гокхале додаде дека во кампот имало многу жртви и оти целата инфраструктура била уништена.
Од друга страна, портпаролот на пакистанската армија Асиф Гафур истакна дека пакистански борбени авиони ги избркале индиските летала надвор од својот воздушен простор.
– Под присилно забрзано повлекување авионите пуштија товар што падна во отворена област. Ниту една инфраструктура не беше погодена, ниту имаше жртви – наведе Гафур.
Официјален Исламабад соопшти дека го задржува правото на одговор откако Индија призна дека влегла на негова територија во Кашмир.
– Индија ја наруши Линијата на контрола. Пакистан го задржува правото на самоодбрана и соодветен одговор – порача пакистанскиот министер за надворешни работи Шах Мехмуд Куреши, осврнувајќи се на границата што ја дели спорната територија.