Минатиот четврток, индискиот премиер Нарендра Моди им порача на регионалните лидери во Делхи дека може да се одржат избори откако ќе се изведе вежба за прецртување на границите на местата во парламентот. Ова беше прв состанок од ваков вид откако Владата му го укина посебниот статус на Хималајскиот Регион во 2019 година, со тоа што уапси илјадници лица и наметна повеќемесечна изолација. Кашмирските лидери одамна бараа враќање на нивниот полуавтономен статус и да се одржат избори, но Индија работеше во насока повторно да приспособи некои парламентарни и собраниски гласачки тела во рамките на процесот познат како „разграничување“.
Новиот пристап за помирување на Моди ги одразува зголемените притисоци, вклучувајќи и зближувањето со ривалскиот Пакистан, тензиите со Кина и загриженоста за подемот на талибанците по повлекувањето на американската војска од Авганистан во септември.
Во август 2019 година, индиската влада ѝ го одзеде полуавтономниот статус на сојузната држава Џаму и Кашмир.
Таа беше поделена на две нови федерални територии, првата Џаму и Кашмир, а втората Ладак. Лани во јуни, најмалку 20 индиски војници загинаа во судирите со Кина во долината Галван во Ладак. Индија сè уште има распоредено војска од 50.000 припадници во Ладак.