Италијанските и либиските власти предупредуваат на опасноста од нов бран имигранти кон Европа, а се спомнува бројката од околу 800.000 лица. Разгорувањето на борбите меѓу фракциите во Либија го вклучи алармот за новиот бегалски бран. И овојпат, според дел од светските медиуми, имигрантите и бегалците се користат за заплашување, како што беше случајот со убиениот либиски лидер Гадафи, кој пред неговото соборување од власт се закани дека ќе ја преплави Европа со илјадници мигранти

Имигрантите повторно се во фокусот на светската јавност, посебно по разгорувањето на борбите помеѓу ривалските милитантни фракции во Либија. Италијанските разузнавачки служби предупредуваат дека илјадници имигранти од северна Африка наскоро ќе се обидат да пристигнат до Европа. Истовремено, меѓународно признаената либиска влада посочи дека станува збор за најмалку 800.000 лица, меѓу кои има и голем број џихадисти од Исламска држава. И овојпат, според дел од светските медиуми, имигрантите и бегалците се користат за заплашување, како што беше случајот со убиениот либиски лидер Гадафи, кој пред неговото соборување од власт се закани дека ќе ја преплави Европа со илјадници мигранти.
Италијанската разузнавачка агенција (АИСЕ) соопшти дека најмалку 6.000 имигранти наскоро би можеле да се обидат да дојдат во Италија, по најновите судири во Либија. Според АИСЕ, меѓу нив најверојатно ќе се кријат и голем број исламистички терористи. Слично предупредување, чија цел очигледно е да се алармираат земјите од Европската Унија на можните последици за нови имигрантски бранови доколку продолжи граѓанската војна во северноафриканската земја, пристигна и од Фајез ал-Сараџ, премиерот на владата во Триполи, која е признаена од Обединетите нации. Според него, илјадници бегалци би можеле да ја напуштат земјата, бегајќи од насилството предизвикано од обидот на Калифа Хафтар за преземање на контролата на либиската престолнина Триполи.

– Се соочуваме со војна на агресија, што ќе го прошири својот канцер низ Медитеранот, Италија и Европа. Мораме да бидеме обединети и силни во блокирањето на агресивната војна на Хафтар, човекот што ги измами Либија и меѓународната заедница. Не само што има 800.000 потенцијални имигранти подготвени да заминат, ќе има и Либијци што бегаат од војната, а на југот на Либија се терористите на Исламска држава, кои владата во Триполи, со поддршка од градот Мисрата, ги протераа од Сирт пред три години – порача Ал-Сараџ во интервјуто за италијанскиот весник „Кориере дела сера“.

Тој посочи дека силите на Хафтар напаѓаат цивилни структури, патишта, училишта, аеродроми и болници.

– Хафтар тврди дека напаѓаат терористи, но тука има само цивили. Предавничката акција на Хафтар ќе донесе деструкција во Либија и во соседните земји, при што преговорите нема да бидат возможни доколку не престане нападот врз населението и тој не се повлече – додаде Ал-Сараџ.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте на средбата во Рим со приврзаниците на владата на Сараџ укажа на големината и алармантноста на проблемот.

– Мораме да избегнеме хуманитарна криза што би можела да биде разурнувачка, и тоа не само поради реперкусиите врз Италија и ЕУ, туку и поради интересите на самиот либиски народ – порача Конте.

Британски „Гардијан“ наведува дека е сѐ поголема загриженоста дека Либија би можела да стане „нова Сирија“, со граѓанска војна што ќе доведе до масовно раселување на населението. Миграцијата од Либија во Италија значително се намали пред повеќе од една година, делумно и поради договорите што ги постигна претходната италијанска влада. Во периодот помеѓу јануари и 10 април годинава, само околу 551 имигрант пристигнаа во Италија.

Сепак, Меѓународната организација за миграција (ИОМ) соопшти дека е невозможно да се предвиди колку имигранти би можеле да побегнат од Либија и да се упатат кон Европа. Според ОН, досегашните борби веќе раселиле над 18.000 лица.

Меѓународната заедница останува поделена околу следните чекори во Либија, при што коалицијата составена од Египет, Саудиска Арабија, Франција и ОАЕ во Хафтар гледаат можен извор на стабилност по повеќе години граѓанска војна. Овие земји укажуваат на улогата на исламистичката милиција во Триполи и инсистираат дека сакаат да донесат стабилност во земјата што беше „прегазена од терористите“.

Но специјалниот претставник на ОН за Либија, Гасан Саламе, го отфрли објаснувањето на Хафтар за неговите потези, истакнувајќи дека нападот повеќе личи на воен удар, отколку на антитерористичка операција.

– Конфликтот на Хафтар со владата во Триполи почна пред долго време, всушност пред три или четири години, водејќи се од антитерористичката логика, но тоа што сега се случува не е антитерористичка акција. Тоа е јасен обид да се преземе контролата врз делот од земјата каде што живее најмалку една третина од населението. Тоа стана уште појасно со фактот дека тој издаде налог за апсење на премиерот Сараџ и други лица, што повеќе изгледа на воен удар отколку на антитерористичка акција – порача Саламе.

Американскиот в.д. секретар за блискоисточни работи, Дејвид Сатерфилд, ги повика сите страни на воздржаност, но ги ублажи претходните американски критики на Хафтар, нагласувајќи ја наместо тоа деструктивната улога на милицијата.

[email protected]