Нови немири се случија синоќа во Барселона, кога се судрија демонстрантите и полицијата на третиот ден од протестите против пресудите за лидерите на каталонските сепаратисти. Полициските единици за сузбивање нереди истрелале пенест гас, додека демонстрантите палеле контејнери и автомобили во близина на одделот за внатрешни работи на регионалната Влада во главниот град на Каталонија.

Пожарот блокираше неколку улици. Демонстрантите претходно синоќа фрлаа ролни тоалетна хартија, порачувајќи дека има многу работи што треба да се исчистат.

Протестите почнаа во понеделникот, откако Врховниот суд во Мадрид осуди деветмина поранешни каталонски политичари и активисти на девет до 13 години затвор за нивната улога во неуспешното прогласување независност на Каталонија во 2017 година.


Санчез нема да преземе итни мерки 

Премиерот на Шпанија, Педро Санчез изјави дека нема да преземе итни мерки во покраината Каталонија, каде застапниците за независност се судрија со полицијата веќе трет ден по ред.

Санчез се состана со лидерите на трите најголеми опозициски партии во Мадрид по насилните протести последните два дена по пресудата за каталонските политичари одговорни за референдумот за независност 2017 година.

– Ги повикав да го одржат единството и заеднички да одговорат на овој предизвик. Насилниците во Каталонија сакаат да реагираме бурно и да започне спирала на насилство. Но, ние нема да потклекнеме на оваа провокација – рече Санчез на конференцијата за медиуми, истакнувајќи дека нема да исклучи какви било можни сценарија доколку ситуацијата се влоши.

Алберт Ривера, лидер на партијата „Центар за граѓани“, која настана во Каталонија како спотивставување на идејата за независност, побара од Санчез да го активира членот 155 од Уставот.Со тоа, централната власт во Мадрид би презела привремена директна контрола врз автономната провинција Каталонија и најави предвремени избори таму. Но, Санчез тоа го одби.

– Имаме на располагање закони, но како што реков, треба да останеме умерени. Таа умереност значи сила – рече тој.