Убедувањето дека интелектуалците во естаблишментот на американската национална безбедност тајно ги наметнуваат нивните гледишта за светот во американската надворешна политика не потекнува од Белата куќа на Доналд Трамп, пишува „Фајненшл тајмс“.

Антикомунистичкиот крстоносен поход на Џозеф Мекарти во 50-те години на минатиот век беше базиран на истата парола за одредена „длабока држава“. Слични мислења, но со помал степен на убедувања во заговор, беа истакнати од страна на администрациите на Роналд Реган и на Ричард Никсон.

А како што пишува Дејвид Роуд во неговата нова книга „Во длабоко“, за битките на претседателите со американските безбедносни служби, таквите стравувања не се ексклузивни за политичката десница. Идејата за воено-индустриски комплекс кој тајно ја води американската надворешна политика настрана од десничарите, беше стандардна тема за левицата во поголемиот дел од ерата на војната во Виетнам, која уште не исчезна од одредени делови на Демократската партија.

Но, обвинувањата дека „длабоката држава“ во постоечката влада кова заговор за отстранување на Доналд Трамп од претседателската функција, како што претседателот и дел од неговите поддржувачи во партиските медиуми повремено тврдат, ги носи таквите тврдења до ниво кое ги шокираше дури и ветераните на понекогаш бруталната бирократска војна во Вашингтон.

Иако Роуд во книгата не прави конкретна поврзаност, портретот на Трамп наликува повеќе на Мекарти, отколку на Реган или на Никсон, со што главниот протагонист верува дека субверзивните сили демнат зад секој агол во Ленгли или Фоги Ботом, домовите на ЦИА и на Стејт депарментот.

Роуд во поднасловот ја ветува „вистината за американската длабока држава“. На почетокот инсистира дека „институционалната влада е реална“, за помалку плашливо да признае во завршното поглавје дека вистината за американската „длабока држава“ гласи оти таа не постои, барем не во смисолот во кој првично е замислена.

„Во длабоко“ е повеќе турнеја низ деценискиот напор за сфаќање на најнесфатливите демикратски предизвици – како да се раководи со тајните разузнавачки и безбедносни агенции во систем кој навидум е одговорен за луѓето.

Единствените херои во книгата се аполитичните луѓе кои го балансираат демократскиот императив да бидат одговорни кон политичките лидери, со неопходноста за функционирање на националната безбедност без политички ограничувања.