Прв голем митинг на Трамп по изборниот пораз

Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, на првиот одржан митинг по напуштањето на Белата куќа вчера ја нападна имиграциската политика на неговиот наследник Џо Бајден и побара од приврзаниците да им помогнат на републиканците да го вратат мнозинството во Конгресот.

Иако, тој држеше говори на митинзи на Републиканците по поразот на минатогодишните претседателски избори, митингот во Охајо е враќање на масовните собири кои беа клучни за одржување на поддршката во неговата база, односно на т.н. МАГА-настани (МАГА е кратенка од слоганот „да ја направиме Америка повторно голема“).

Трамп ја напушти функцијата откако неговите приврзаници го нападнаа Капитол на 6 јануари, кратко по говорот во кој повтори дека минатогодишните избори се украдени и оти тој е нивниот вистински победник.

Вчера пред илјадници негови приврзаници, тој повтори нешто од неговиот редовен список со критики, а освен што ги критикуваше изборите во САД, особено зборуваше за зголемениот број имигранти кои влегуваат во САД преку јужната граница.

– Имавме огромна победа, тие направија нешто што никогаш не смееше да се дозволи – рече Трамп за изборите.

„Ќе го вратиме Претставничкиот дом, ќе го вратиме Сенатот и ќе ја вратиме Америка и тоа ќе го сториме наскоро“, нагласи тој.

Демократското слабо мнозинство во двата дома на Конгресот ќе биде ставено на тест на изборите во средината на 2022 година, а историјата ги фаворизира шансите на Републиканците да добијат места на нив.

По митингот во Охајо, Трамп планира да зборува на Флорида по повод празникот 4 јули, а следната недела ќе отпатува на јужната граница меѓу САД и Мексико.