Поради преминот кон електрични возила, до 2030 година Германија би можела да загуби околу 410.000 работни места, објави германскиот дневник „Ханделсблат“, повикувајќи се на изјава од советник во германската влада.

Само во производството на мотори и менувачи загрозени се околу 88.000 работни места, објави весникот, повикувајќи се на извештајот од Националната платформа за мобилност и иднина (НПМ), од која доаѓаат многу советници на германската влада по однос на оваа проблематика.

Моторите на електричните автомобили имаат помалку делови и бараат помалку одржување од моторите со внатрешно согорување и тоа ќе резултира со отпуштања, пишува реномираниот економски весник.

Производството на возила во наредните години ќе биде дополнително автоматизирано и нема да има потреба да се задржи сегашниот број на работни места, ги цитира „Ханделсблат“ зборовите на претседателот на НПМ, Хенинг Кагерман.

Во 2018 година, бројот на вработени во автомобилската индустрија во Германија се искачи на 834.000, што е највисоко ниво од 1991 година.

Од најголемото германско здружение во автомобилската индустрија (ВДА), кое во декември предупреди на намалување на бројот на работните места во 2020 година поради падот на глобалната продажба, сепак сметаат дека проценките на НПМ се базираат на нереално екстремно сценарио, пренесува „Ханделсблат“.

Германската автомобилска индустрија, која е важен двигател на растот на најголемата европска економија, ги засилува плановите за воведување електрични возила под притисок на Европската унија за понатамошно намалување на емисијата на јаглерод диоксид.