Најмалку 88 летови беа одложени на аеродромот во Франкфурт поради тоа што една компанија не успеа да се справи со напливот од 50 илјади дополнителни патници. Според информациите од германските медиуми, во ред се чекало и повеќе од 90 минути.

Се проценува дека околку 3 илјади патници ги пропуштиле летовите за Божиќните празници, а германската компанија „Луфтханза“ жестоко го критикуваше најголемиот аеродром во Германија поради тоа што не ангажирале доволно персонал за најпрометниот викенд во годината.

Во нормалните викенди, нормалниот проток на патници на аеродромот во Франкфурт изнесува од 150 до 180 илјади луѓе. Но, овој викенд проценките покажуваат дека на еден од најголемите европски аеродроми имало 200 илјади патници.

Европските медиуми потсетуваат дека аеродромот во Франкфурт уште од летото се соочува со сериозни метежи, а тие како одговор на овој проблем започнале инфраструктурни промени со додатни станици за проверка, но тие сè уште не се во функција и се очекува да започнат со работа во следната 2019 година.