Најмалку 15 лица загинаа кога обилните дождови и поплави ја погодија северната кинеска провинција Шанси, уништија илјадници домови и принудија повеќе од 120.000 луѓе да се преселат во побезбедни области, соопштија денеска локалните власти.

Кинеската провинција се соочува со најлошите поплави овој месец откога почна мониторингот, рече метеорологот Ванг Вени на прес-конференција додавајќи дека просечните врнежи во октомври биле 13 пати поголеми отколку во истиот период во една нормална година.

Најмалку 1,75 милион луѓе беа погодени од поплавите, што предизвика уривање на најмалку 19.500 куќи и сериозно оштети уште 18.200 дома, изјави локалниот претставник за вонредни ситуации, Ванг Кируи.

Три лица сѐ уште се водат за исчезнати.

Обилните дождови и поплави предизвикаа директна економска загуба од над 5 милијарди кинески јуани или 775 милиони американски долари во покраината.

Обилните дождови исто така предизвикаа затворање на 60 рудници за јаглен во Шанси, се вели во соопштението објавено од Бирото за управување со вонредни состојби на провинциската влада.

Провинцијата Шанси е најголемиот рударски центар во Кина сочинувајќи една четвртина од производството на јаглен во земјата.

Провинциските власти веќе одвоија 50 милиони јуани (околу 7,7 милиони американски долари) за да помогнат во контролата на поплавите и обновата, објавија кинеските медиуми.

Ова не е првпат оваа година Кина да биде погодена од разорни поплави. Повеќе од 300 луѓе загинаа кога рекордни дождови ја погодија централна Кина во јули поплавувајќи цели населби во главниот град на провинцијата Хенан, а патниците останаа заробени во вагоните на метрото.