Едно момче е убено за време на втората ноќ од протестите поради недостиг на вода во југозападен Иран, изјави локален претставник утрово и за пукањето ги обвини вооружените демонстранти, јави државната новинска агенција ИРНА.

Иран се соочува со најголемата суша во последните 50 години, а протестите избија поради недостиг на вода во неколку градови и места во провинцијата Кузестан, инаку богата со нафта.
Во извештајот на „Ројтерс“ се наведува дека недостигот на вода не влијаел само на домаќинствата, туку ги уништил земјоделството и сточарството и довел до прекин на електричната енергија.

„За време на собирот, демонстрантите пукаа во воздух за да ги испровоцираат луѓето, но за жал еден заскитан куршум погоди млад човек и го уби“, рече Омид Сабрипур, шеф на провинцијата во градот Шадеган.

На видеа објавени на социјалните мрежи се слушаат истрели од огнено оружје и се гледа како демонстранти палат автомобилски гуми за да ги блокираат патиштата, а безбедносните сили се обидуваат да ги растераат револтираните граѓани.

За време на протестот, луѓето остро го повикаа врховниот ирански верски лидер, ајатолахот Али Хамнеи, и скандираа „Смрт за диктаторот“ и „Смрт за Хамнеи“.

Во последниве недели, илјадници работници во клучниот ирански енергетски сектор, исто така, организираа протести со барање за подобри плати и услови за работа во полињата за гас и некои рафинерии во поголемите градови во јужен Иран.