Изминатите неколку дена, се крена многу прав околку случајот со илјадниците жени од Тајланд кои биле заведени и излажани да влезат на територијата на САД, каде биле искористени да работат во бордели како сексуални работнички. Според обвинителството во САД, но и поголем број на медиуми од Северноамериканскиот континент, пет луѓе се обвинети за директна инволвираност во овој скандал.

Обвинителите од Сент Пол, Минесота потврдија дека обвинетите учествувале во многу ефикасна мрежа на трговија со жени од Тајланд, кои потоа биле искористувани како сексуални работнички. Обвинетите исто така користеле и многу софистицирани техники за перење на пари.

Жените кои доаѓаат од најсиромашните делови на Тајланд, воопшто не зборувале англиски и биле излажани да учествуваат во криминалната шема така што криминалците им ветувале можности за подобар живот во САД и добра заработувачка за семејствата во нивната земја.
– По пристигнувањето во САД, жртвите биле приморани да работат во бордели и секојдневно да нудат сексуални услуги – стои во изјавата на Обвинителството. На овие девојки не им било дозволено да ги напуштаат куќите без придружба на некој член од криминалната организација. Според информациите, нивните семејства на Тајланд секојдневно добивале закани додека девојките константно биле транспортирани на различни локации во САД, за полицијата да не дознае за криминалното дејствување на организацијата.

Адвокатите на петте обвинети инсистирале дека девојките од Тајланд своеволно учествувале во процесот и дека тие не се жртви на ланците на проституција. Во следниот период, се очекува одлуката на американските судови за овој случај.