Илјадници луѓе се евакуирани денеска од малиот град Пугачово и околината во централната руска Република Удмуртија, поради пожар и експлозии во складиште за муниција, јави ДПА.

Во областа е прогласена вонредна состојба.

Пожарот зафати површина од околу 50 хектари во близина на градот Пугачово, на околу илјада километри источно од Москва.

Автопатот што минува низ областа е затворен за сообраќај поради континуираните експлозии на муниција. Од истата причина, околу 100 пожарникари се уште не можат да стигнат до местото на пожарот, поради што тој се гасне од воздух. За таа цел е испратен специјален противпожарен авион Бе-200 и три хеликоптери.

Засега нема опасност за животите и имотот на локалните жители, соопштија регионалните власти. Десетици полицајци и волонтери се испратени да го чуваат имотот на евакуираните.