Поддржувачите на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро се собираат во Бразил за да го поддржат својот лидер. Тие го поддржуваат во неговиот конфликт со судството поради промени во системот на гласање.

„Гардијан“ наведува дека илјадници приврзаници на Болсонаро се собрале во политичката и економска престолнина на Бразил за да покажат колосална поддршка за нивниот претседател, поради стравувањата за иднината на бразилската демократија и можните судири со владините противници.

Претходно, поддржувачите на Болсонаро пробиле полициска блокада во центарот на Бразилија, објави полицијата, во пресрет на големите демонстрации поради кои има тензии во земјата.

Соочен со рекордно низок рејтинг, Болсонаро се обидува да ја мобилизира својата база, особено на протести во Бразилија и Сао Паоло.

Ултрадесничарскиот лидер планира да присуствува на двата митинга во текот на денот, додека се обидува да го засили притисокот врз Врховниот суд поради истрагите за него и луѓето во неговиот близок круг.

– Стотици луѓе кои дојдоа на протестот ги пробија пречките и влегоа во авенијата што води до зградите на Националниот конгрес и Врховниот суд – објави федералната полиција.

Оваа авенија е затворена за сообраќај од безбедносни причини.

На социјалните мрежи можат да се најдат снимки од мал караван на автомобили и камиони како влегуваат во централната авенија на градот, додека демонстрантите ги поздравуваат веејќи бразилски знамиња. Ваквите маршеви ја поларизираа јавната дебата во Бразил.

Бразилскиот претседател потпиша указ со кој се ограничува моќта на социјалните мрежи и технолошките компании да ги отстрануваат објавите и содржините.

Според новиот декрет, технолошките гиганти ќе мора да наведат оправдана причина и мотив пред да отстранат налог или содржина. Во соопштението од кабинетот на Болсонаро се вели дека овој потег има за цел да обезбеди транспарентност кога станува збор за моќта на социјалните медиуми и компаниите да уредуваат содржини на нивните платформи.

Болсонаро посочи дека оваа промена на прописите е неопходна во борбата против, како што кажа, произволното отстранување на налози и дека новиот декрет ќе помогне да се заштити слободата на говорот.

За време на пандемијата на коронавирусот, „Фејсбук“ и „Твитер“ отстранија бројни објави од Болсонаро и неговите поддржувачи поради наводно ширење на дезинформации.