Илхан Омар испиша историја во Минесота откако стана првата сомалиска бегалка која некогаш била избрана во Конгресот.

Омар вели дека еден од нејзините приоритети е да продолжи да се спротивставува на имиграционата политика на претседателот Доналд Трамп.

Илхан е родена во Могадишу како најмлада од седумте деца и мајка ѝ починала кога била мала, по што ја одгледале татко ѝ и дедо ѝ. По граѓанската војна во Сомалија во 1991 година, таа со семејството пребегнала во Кенија, кадешто четири години живееле во бегалски камп.

Во САД пристигнува во 1995 година, каде дипломирала политички науки и меѓународни односи. Подемот во политиката го најави кога пред две години беше избрана во локалниот конгрес на Минесота.

После победата во својот говор се заблагодари на сите нејзини приврзаници, истакна дека е првата жена бегалка која воопшто некогаш станала конгресменка, исто така го истакна фактот дека е првата жена конгресменка која некогаш носела хиџаб.

– Стојам тука пред вас вечерва, како конгресменка која е со темна кожа и која ќе ја претставува нашата земја тука во Конгресот. Првата жена која носи хиџаб, првиот бегалец кој е избран во Конгресот и една од првите муслимански жени некогаш избрана во Конгресот. Ќе ги држиме семејствата заедно, ќе ги заштитуваме бегалците, ќе го заштитиме правото на жените- изјави после изборот Илхан Омар.