Американскиот гигант за геномско/генетско секвенционирање „Илумина“ се наоѓа под зголемено внимание од страна на регулаторите за компетитивност во ЕУ поради неовластената зделка вредна седум милиони долари, но се спротивставува со невообичаен начин на одбрана, наведувајќи дека овој бизнис-потег ќе спаси бројни животи од болеста на ракот, пишува „Политико“.

Компанијата од Сан Диего се обидува да ја откупи компанијата „Грејл“ која произведува крвни тестови за рано дијагностицирање на повеќе од 50 видови рак. Регулаторот од Брисел изрази сериозна загриженост за аквизицијата, отворајќи детална истрага врз основа на можноста зделката да биде штетна по компетитивноста и иновативноста во здравствениот сектор. ЕУ исто така ја разгледува можноста за санкционирање на „Илумина“ со казна во вредност од стотици милиони евра поради склучување на зделката без да чека одобрување од регулаторот.

Извршниот директор на „Илумина“, Франсис де Соуза, пак, нема сомнеж дека тој е во право.

– Влоговите се високи во поглед на бројот на животи кои би можеле да бидат спасени и на користа за јавното здравје од достапноста на овој тест за широката популација, односно со тоа што ќе биде достапен за луѓето низ светот. Чувствувавме морална обврска да го искористиме нашето право за мометно да го оспориме процесот на регулација – кажа Де Соуза во разговор за „Политико“.

Тврдењето на Де Соуза можеби е морално исправно, но правните служби кои ја бранат компетитивноста во ЕУ се најдоа на непозната територија. Регулаторите ќе треба да го проценат договорот според постоечките прописи, во кои спаѓаат достапноста на производите за потрошувачите или ограничувањата за иновативноста. Адвокатката Фиона Карлин истакнува дека станува збор за „многу нов пристап, за кој нема преседан“, осврнувајќи се на намерата на „Илумина“.

Надлежните служби се загрижени дека купувањето на „Грејл“ од страна на „Илумина“ ќе го закомпликува пристапот до нејзината технологија за генетско секвенционирање за конкуренцијата која развива тестови за откривање на рак.

Брисел ја разгледува зделката според членот 22 за регулација, според кој компаниите купуваат мал, но значителен бизнис, на начин кој би можел да предизвика потрес за конкурентноста без исполнување на постоечките барања во рамките на истрагата на ЕУ за спојувањето. Првите обиди на „Илумина“ за оспорување на надлежноста на ЕУ во судовите во Франција и во Холандија, пропаднаа, но третиот случај за употребата на членот 22 претстои во Судот на правдата на ЕУ во Луксембург. Американската федерална трговска комисија исто така поднесе тужба против аквизицијата, но се откажа од уште една итна постапка за блокирање на зделката, бидејќи верува дека истрагата на ЕУ нема да дозволи нејзина реализација.

Де Соуза верува дека има само еден рационален исход според кој неговата „Илумина“ ќе ја купи „Грејл“ и ќе ѝ биде дозволена слобода за да го зголеми глобалниот пристап до тестовите за откривање на рак. Токму затоа оди во офанзива против судовите и регулаторите, заклучува „Политико“.