Канје Вест претходно го поддржуваше Доналд Трамп нарекувајќи го негов „брат“

Авторка: Изобел Ашер Хамилтон

Бизнис инсајдер

Музичарот Канје Вест најави дека ќе се кандидира за претседател и очигледно ги следи советите на извршниот директор на „Тесла“ и истакнатиот технолошки милијардер Илон Маск. Во Интервју за „Форбс“, Вест изјави дека Маск е еден од двајцата советници во неговата претседателска трка, а другиот советник е неговата сопруга Ким Кардашијан Вест.

– За ова одамна разговаравме. Му предложив да ја води нашата вселенска програма – порача Вест за неговата претседателска кандидатура и за Маск.

Вест ја соопшти неговата намера да се кандидира за претседател на Твитер на 4 јули, а Маск како одговор му ја изрази својата поддршка. Вест и Маск се пријатели најмалку од 2015 година, кога Маск многу го пофали раперот, во својата статија за стоте највлијателни луѓе објавена во „Тајм“.

На 1 јули, Вест сподели заедничка фотографија со Илон Маск во еден од неговите домови. Фотографијата веројатно е направена од страна на Грајмс, девојката на Маск. Претходно Маск го поддржуваше демократскиот кандидат Ендру Јанг и не е јасно дали поддршката за Вест е искрена. Маск сè уште јавно не го потврди ставот на Вест дека токму тој му е советник во кампањата. Вест веќе го пропушти рокот за поднесување барање за независен кандидат во четири држави, а во девет други рокот истекува во јули.

Во интервјуто за „Форбс“, Вест негираше дека неговата претседателска кандидатура е пи-ар трик за да го промовира неговиот најнов албум и притоа истакна дека „албумот ќе го дели бесплатно“. Во текот на интервјуто тој исто така порача дека неговата партија ќе се вика Роденденска партија затоа што „кога ќе победи, тој ден на сите ќе им биде роденден“. Понатаму зборуваше дека не ги поддржува абортусот и вакцините и дека „ќе се кандидирал како републиканец ако Трамп не го сторел тоа“.

Пејачот претходно го поддржуваше Трамп и во 2018 година претседателот го нарече негов „брат“.

– Не мора да се согласувате со Трамп, но народот не може да ме натера да не го сакам. Двајцата имаме змејска енергија. Тој ми е брат. Сите ги сакам. Не се согласувам со сечии ставови, но токму тоа не прави различни индивидуи и имаме право на свое мислење – објави Вест на Твитер тогаш.

Се чини дека Вест го промени ставот во своето интервју за „Форбс“ каде што истакна дека „официјално ја повлекува поддршката за Трамп поради личната кандидатура“.

Превод: Билјана Здравковска