Американскиот претприемач Илон Маск преку Твитер соопшти дека се наоѓа во Тајланд со прототипот на мини-подморница со цел да учествува во акцијата за спасување на преостанатите пет деца и нивниот тренер во пештерата Там Луанг, објавуваат американските медиуми.

– Само што се вратив од пештерата Три. Мини-подморницата е подготвена доколку има потреба. Таа е направена од ракетни делови и наречена „Дива свиња“ по името на фудбалскиот клуб за кој тренираат децата. Ја оставам во случај да најде корист во иднина – напиша Маск, кој претходно објави и видео-снимка од симулацијата на движење на подморницата низ пештерата.

Пештерата Три претставува база на спасувачите, што се наоѓа на околу два километри од влезот во пештерскиот комплекс. Местото на кое што се наоѓаат децата е оддалечено за дополнителни два километри. Засега нема назнаки оти подморницата ќе биде употребена во акцијата за спасувањето.

До вчера беа извлечени осум деца, а во тек е трета акција за спасување на преостанатите четири момчиња и нивниот фудбалски тренер.