Политичката бура, во чиј центар е премиерот Бенјамин Нетанјаху, се заканува да ја „расипе“ прославата. Нетанјаху се соочува со истрага за корупција, чиј негативен исход може да значи крај за неговиот мандат и затворска казна

Израел ја одбележува 70-годишнината од формирањето на еврејската држава речиси еден месец порано, за да избегне конфликт со религиозните пости во мај. Но политичката бура, во чиј центар е премиерот Бенјамин Нетанјаху, се заканува да ја „расипе“ прославата. Нетанјаху се соочува со истрага за корупција, чиј негативен исход може да значи крај за неговиот мандат и затворска казна.

Израел исто така ќе го слави контроверзниот подарок од американскиот претседател Доналд Трамп. Трамп во декември најави дека САД ќе го признаат спорниот Ерусалим за израелска престолнина. Покрај тоа, со објавувањето на плановите за преселување на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, Трамп смени дел од американската надворешна политика, стара седум децении, пренесуваат светските медиуми.

Прогласувањето на независноста на Израел предизвика масовно одземање палестински имоти, мрачен аспект од историјата на земјата, кој широко ќе биде покриен на годишнината во мај, кога Палестинците го одбележуваат денот Накба (катастрофа).

Израелската министерка за култура Мири Регев планира 70-часовна прослава, која треба да ги „обедини граѓаните преку најразлични настани“. Регев ја повтори својата желба повторно да ја врати годишната парада на израелската војска, која беше централен настан при прославите во текот на првите две децении од независноста. Воените паради беа прекинати во 1968 година поради големите трошоци, иако една парада сепак беше одржана во 1973 година, при одбележувањето на 25-годишнината од независноста.

Се очекува говорите на прославите да го повторат насилниот тон од неодамнешната колумна во „Ерусалим пост“, за големиот јубилеј на земјата. Во текстот детално се наведени заканите по опстанокот на Израел, со посебен фокус на „масовните арапски бојкоти, големите терористички напади и 11 војни по 1948 година“.
– Израел е еден од деветте нуклеарни сили во светот, со арсенал од сто до двесте атомски бомби. Земјата сега е една од најголемите воени сили на Блискиот Исток – пишува „Ерусалим пост“.