Израел тврди оти ЕУ финансира лица и групи што тој ги смета за терористи

Односите меѓу Израелците и ЕУ достигнаа ново дно, откако Израел ја обвини ЕУ дека спонзорира поединци и групи што тој ги смета за терористи

Односите меѓу ЕУ и Израел достигнаа ново дно, откако израелското Министерство за надворешни работи (МНР) ја обвини Унијата дека спонзорира тероризам. Евроамбасадорот во Израел, италијанскиот дипломат Емануеле Џауфрет, неодамна беше повикан во израелското министерство за надворешни работи на средба со заменик-шефицата на Одделот за Европа, Ана Азари. Таа побара од него да даде објаснување за неодамнешната појава на официјални документи од телата на ЕУ, кои, наводно, покажуваат дека лица и институции, поврзани со, како што тврдат во Израел, терористички арапски организации, можат да добијат финансиска поддршка од ЕУ.

Израелското МНР издаде официјално писмо во кое се вели дека „политиката на ЕУ во однос на терористичките организации претставува бланко-чек издаден за поттикнување, поддршка за терор и учество во терор“. Израелското писмо беше неприфатливо за Брисел, па набргу пристигна одговор во форма на изјава дека таквите обвинувања се „неосновани и неприфатливи“ и дека ЕУ се залага против секакво насилство и омраза.
„Геополитика“ анализира како ќе се одвиваат односите меѓу Израел и ЕУ, имајќи предвид дека израелската влада предводена од Бенјамин Нетанјаху досега немаше силни и стабилни односи со целата ЕУ, туку градеше силни билатерални односи со поединечни членки на ЕУ, како Полска, Чешка и Унгарија, но и Австрија, со помош на кои често успешно го блокираше донесувањето на какви било заеднички антиизраелски решенија или резолуции на ниво на ЕУ, кои се однесуваат на политиките на еврејската држава во однос на палестинското прашање.

Прашањето треба да се разгледува и во контекст на односите на Израел со САД, кои сега се на највисоко рамниште, бидејќи контроверзниот мировен план на Доналд Трамп за Блискиот Исток целосно е во прилог на израелските интереси.
Прво, според „Геополитика“, ЕУ со сите свои егзистенцијални проблеми, тешко ќе може да застане на патот на Нетанјаху, кој сака да остане запомнет и како премиер со најдолг мандат, но и како израелски лидер што ќе успее да го реализира долгогодишниот сон на Израелците во однос на територијалното проширување на нивната држава, дури и ако само делумно врз териториите што сега се под ограничен суверенитет на палестинската управа. Повеќе земји на ЕУ имаат произраелска политика, па инсистирањето на официјален Брисел на некакви антиизраелски потези само ќе ја извлече на површина сомничавоста кон ЕУ, која сега е најмалку потребна. Всушност, Брисел, најверојатно, ќе мора да замижи за намерите на Нетанјаху, наводно да анектира одредени палестински територии на Западниот Брег до летото оваа година.

Ако, пак, ЕУ навистина го направи тоа, тогаш и дефинитивно ќе ја изгуби можноста да прерасне во независен геополитички фактор и рамноправен конкурент на главните глобални играчи во новата светска структура, која допрва почнува да се обликува.
Дополнително, понатамошното влошување на израелско-европските односи дефинитивно ќе биде штетно за обете страни во економската, безбедносната, високотехнолошката, научната и техничката сфера. Затоа Брисел мора да биде многу внимателен, а истото важи и за Израел.
Прашањето е што тогаш конкретно може да направи ЕУ за да го спречи Нетанјаху во намерите? Според „Геополитика“, опциите на ЕУ се малобројни или никакви, имајќи предвид дека има апсолутно мнозинство во Кнесетот, па затоа се отфрла можноста од политички удари од ЕУ преку опозицијата. Тоа значи дека законот за анексија на палестинските територии без проблеми ќе биде усвоен од израелскиот парламент.

Конечно, се претпоставува дека Нетанјаху сака да го направи потегот пред претседателските избори во САД во ноември, бидејќи не сака да ризикува евентуален пораз на неговиот голем сојузник Доналд Трамп и победа на Џо Бајден. Бајден беше потпретседател во администрацијата на Барак Обама, кога односите меѓу САД и Израел беа на најниско ниво, а Израелците никогаш не му простија на Обама за иранскиот договор во 2015 година, од кој Трамп подоцна еднострано се повлече.
Сепак, работите не се едноставни за Нетанјаху зашто ако тој донесе таква одлука против Палестинците, а во САД победи Бајден, тогаш односите меѓу двете земји би можеле да станат уште полоши отколку што беа за време на администрацијата на Обама. Од друга страна, јасно е колку се важни безбедносната и економската поддршка на САД за Израел.

Вашингтон често во историјата имаше прагматичен однос кон Израел, кој понекогаш мораше да носи и независни клучни одлуки, за кои и немаше поддршка од Американците. Затоа, многу израелски аналитичари и политичари нагласуваат дека Израел во моментот ја има најпријателската администрација на САД. Истите тие нагласуваат дека е потребна претпазливост во однос на можната анексија на палестински територии, како што најавува Нетанјаху. Без разлика како би реагирала ЕУ како целина, сите клучни членки на ЕУ се против израелска анексија на палестинските територии, а тие се далеку од незначителни и беспомошни.