Израелската војска соопшти дека неутрализирала голем систем на тунели ископани од милитантите на Хамас во Појасот Газа.

Израелските одбранбени сили тврдат дека нивните борбени авиони уништиле над 90 километри тунели што го сочинуваат подземниот систем познат како Метро – „град под градот“.

Израел во текот на ноќта продолжи со воздушните и топовските напади, а војската истакна дека се погодени цели, вклучувајќи го и домот на еден од командантите на Хамас во Кан Јунис, фабрика за оружје и ракетни фрлачи.

Израелската војска соопшти дека тунелите биле изградени во период од пет години и му овозможиле на Хамас, кој управува со појасот Газа, да преместува муниција, борци и храна во крајбрежниот појас.

Операцијата се случи во време на нов притисок врз двете страни од Соединетите држави за ставање крај на конфликтот.

Во четвртокот по полноќ Палестинците истрелаа повеќе ракети кон израелските градови. Од Појасот Газа во последните недела и пол биле испукани околу 4.070 ракети, тврди Израел.