Израелците велат дека за активностите се во постојан контакт со САД и со Русија

Израелската армија тврди дека тоа е мерка на претпазливост поради засилените борби меѓу силите Асад и бунтовниците близу границата

Израелската армија соопшти дека поставува дополнителни тенкови и артилериски единици по должината на границата со Сирија, како мерка на претпазливост поради засилените борби меѓу силите на Башар ал Асад и бунтовниците, јави Ројтерс.
– Силите се поставени изутрината како дел од подготовките и зголемената готовност поради случувањата во Голанската Висорамнина – објави израелската војска на Твитер.
Израелската армија нагласи дека ќе продолжи да не се меша во судирите во Сирија и дека ќе одговори одлучно против секаква повреда на суверенитетот на Израел и доколку е загрозен животот на Израелците. Во соопштението се наведува дека ќе продолжи хуманитарната помош за беглаците што доаѓаат до границата.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху зборуваше за ситуацијата во Сирија на седница на Владата и нагласи дека Израел ќе продолжи да ги брани границите.
– Нема да дозволиме влегување на наша територија и бараме строго почитување на Договорот за раздвојување од 1974 година со сириската војска – изјави тој, додавајќи дека е во постојан контакт со Белата куќа и со Кремљ, како и дека министерот за одбрана и командантот на армијата контактираат со нивните колеги во САД и во Русија.