Израел и Хамас се поблиску до продолжување на вооружениот судир отколку постигнување примирје, објави вчера израелската веб -страница Ynet News.

Веб -страницата наведе дека индиректните разговори меѓу Израел и Хамас, што се одржаа изминатите неколку недели во Каиро за да се постигне најдолг можен период на примирје во замена за подобрување на економската состојба во Газа, не резултираа со никаков напредок.

Според пишувањата, Хамас инсистирал на своите услови за склучување договор за размена на затвореници со Израел, додека Тел Авив цврсто стои на својата позиција во врска со распределбата на катарскиот грант и реконструкцијата на опколената енклава.

Веб –страницата, која се повикува на извори запознати со разговорите, пишува дека Хамас не покажал никаква флексибилност што води до напредок во однос на договорот за затворениците, иако покажал благо позитивен став кон израелските барања во споредба со позицијата изнесена на почеток на преговорите.

Изворите додаваат дека Израел инсистира на поврзување на реконструкцијата на Газа и подобрување на ситуацијата во енклавата со решавање на прашањето на затворениците со Хамас, истакнувајќи дека може да дозволи едноставна реконструкција во замена за напредок во решавањето на проблемот, но дека целосната реконструкција нема да биде одобрена до целосно решавање на прашањето.

Во меѓувреме, Хамас се посилно се заканува дека следните денови може да дојде до постепена ескалација што ќе доведе до уште една рунда судири бидејќи Израел одбива да дозволи распределба на парите за помош од Катар, како што беше и претходно.

Обидите на Израел, Катар, Палестинската Самоуправа и ОН да го префрлат катарскиот грант преку банките поврзани со Палестинската Самоуправа (ПА) во Појасот Газа не успеаја, а банките стравуваат и дека ќе бидат обвинети за финансирање тероризам.