Израел им помогнал на САД во операцијата во која беше убиен иранскиот генерал Касим Сулејмани, пренесуваат израелски медиуми, повикувајќи се на извештаи на американската телевизија Ен-би-си.

Како што се наведува, еврејската држава била вмешана во операцијата изведена на 3 јануари, овозможувајќи им на Американците клучни разузнавачки податоци. Тоа помогнало да се потврдат информациите кои ги дале доставувачи на иранскиот аеродром, дека Сулејмани се качил во авион, кој летал ноќта од Дамаск до Багдад.

Ен-би-си се повикува на два извори запознаени со операцијата и неименувани претставници на САД. Откако слетал авионот, четири ракети биле испалени од дрон на возило во кое влегол генералот.

Израелските медиуми информираа еден ден по ударот дека државниот секретар на САД, Мајк Помпео, го известил премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, за американските планови за убиство на Сулејмани.

Помпео му се јавил на Нетанјаху на 1 јануари, за да му се заблагодари за поддршката на Израел во напорите за спротивставување на Иран и по нападот на американската амбасада во Ирак. Нетанјаху следното утро, пред да замине за Атина, алудирал дека „многу, многу драматични работи се случуваат во регионот“. Неколку часа подоцна убиени се Сулјемани и командирот на ирачката милиција и уште неколку претставници на високиот ранг, наведуваат израелските медиуми и пренесуваат извештај на „Њујорк тајмс“, дека Нетанјаху е единствен странски лидер кој однапред знаел за операцијата.

Претходно агенциите јавија дека цела низа сириски и ирачки доставувачи се осомничени дека на САД им дале информации, кои довеле до убиство на Сулејмани.