Израелски воени авиони, користејќи го воздушниот простор на Либан, истрелаа ракети во близина на Дамаск. Тројца војници се повредени, кога доцна синоќа ракети погодија склад со оружје, соопштија сириските државни медиуми.

Противвоздушната одбрана на Сирија собори осум израелски ракети за време на неколкуте последователни напади изминатата ноќ врз предградија на сириската престолнина, соопштува сајтот „Ан Нашра“. Според порталот, во нападот се користени и дронови.

ТВ каналот „Ал Хадас” соопшти дека ударите се нанесени од израелските ВВС на воени објекти и магацини на шиитската милиција Хезболах и иранскиот Корпус на гардистите на исламската револуција, кои војуваат на страната на сириската армија. Најмалку три објекти биле уништени во предградијата на Дамаск – Ал Кисуа и Димас.

– Агресијата се уште продолжува, рече водителот на државната телевизија и ја прекина програмата за да бидат емитувани патриотски песни.

Според израелските медиуми, нападите западно од Дамаск биле изведени неколку часа откако на меѓународниот аеродром на Дамаск (во 19,45 часот) слетал авион Боинг -747 на иранската цивилна авиокомпанија Фарс Ер Кешм, за кој се претпоставува дека веројатно доставил во Сирија воена опрема или вооружување. Постојат претпоставки и дека цел на нападот може да била делегација на Хезболах, која пристигнала од Бејрут околу 16.00 часот по локално време, за да се качи на ирански авион и да замине за Техеран за погребот на иранскиот високорангиран функционер Хашеми Шахруди.