Израелски борбени авиони и хеликоптери нападнаа неколку цели во појасот Газа како одговор на ракетата истрелана од таа палестинска територија, објави вчера израелската армија, а пренесе агенцијата АП. Според армијата, погодени се објекти за производство на оружје, подземна инфраструктура и полигон за обука на поморските сили на Хамас. Во саботата вечер, палестинските милитанти истрелале ракета кон Израел, што ги вклучило сирените во градот Ашкелон на југот на земјата.
– Терористичката организација е одговорна за сите настани во појасот Газа и ќе преземе последици за терористички активности против израелски цивили – соопшти израелската армија.
Портпаролот на Хамас, пак, Фавзи Бархум, го обвини Израел за новата ескалација.
– Израелската окупација е одговорна за сè што се случува во Газа, бидејќи продолжува да врши напади. Отпор се дава само во самоодбрана – изјави Бархум за Ројтерс.
Инаку, во нападите нема жртви. Израел и Хамас последен пат се бореа во 2014 година, а оттогаш неколкупати разменуваа оган.