Палестинските милитанти користат мрежа на тунели позната како „метро“

Спротивставени стратегии во конфликтот

Жестоките воздушни напади на Појасот Газа целат кон мрежата подземни тунели кои ги користат палестинските милитанти. Според израелската војска, беа погодени повеќе од 150 подземни цели во северниот дел на Појасот Газа, со намера да се нанесе штета врз мрежата позната како „метро“ која ја користи Хамас, пишува „Вашингтон пост“.

Воздушните напади уследија по соопштението за влез на изралеските сили во Газа кое подоцна беше повлечене. Дел од израелските медиуми шпекулираат дека соопштението за копнена инавазија било со цел да се намамат силите на Хамас во тунелите.

Тврдењата за ископаните тунели од страна на Хамас се актуелизираат за време на конфликтите во Газа, но тешко е да се утврдат детали за тајната подземна мрежа. Лидерите на Хамас го потврдија постоењето на тунелите во изјави за западните медиуми, опишувајќи ги како „иновативни“, со што инсистираат дека нивната намена главно е одбранбена.

Израелската војска прикажа дел од тунелите кои успеа да ги заземе, при што беше забележано дека станува збор за комплексни структури со бетонски ѕидови.

Израел во 2014 година соопшти и дека Хамас ископал повеќе од 1.300 тунели од 2007 година, за кои трошоците наводно изнесувале 1,25 милијарди долари. Хамас пак, се фалеше со обемноста на мрежата тунели, истакнувајќи дека организацијата има двојно повеќе тунели во однос на комунистичките сили за време на војната во Виетнам.

Аналитичарите во изминатата деценија ја опишуваат израелската воена стратегија против палестинските милитанти како „косење на тревата“, со што фразата сугерира дека Хамас претставува коров кој треба да биде исечен.

Со покренувањето на жестоките воздушни напади и распоредувањето на воените сили долж границата со енклавата, како одговор на ракетите истрелани од Газа, се доведува во прашање оправданоста на ваквата стратегија.

Поранешната членка на партијата Мерец, Зехава Галон, во авторски текст за израелскиот весник „Харец“ напиша дека стратегијата резултира со „постојана војна“. Од друга страна има мислење и дека „косењето на трева“ е неопходно.

– Исто како и косењето на трева во вашиот двор, ова е постојана наппорна работа. Ако не го правите тоа, коровот ќе расте диво и ќе се појават и змии во тревата – напиша Дејвид Вајнберг од ерусалимскиот Институт за стратегија и безбедност, во колумна за „Ерусалим пост“.

Извесно е оти спротивставените страни не отстапуваат од нивните стратегии во новиот конфликт чие смирување засега не е на повидок.