Францускиот претседател Емануел Макрон ветуваше дека ќе ја направи рамноправноста за Французинките, „каузата на неговиот мандат“, заколнувајќи се за „комплетна елиминација на насилството против жените“ во говор во 2017 година, пренесува „Њујорк тајмс“

Токму затоа назначувањето на двајца членови на неговиот нов кабинет предизвика збунетост меѓу француските феминистки кои го гледаат потегот како изневерување на ветувањето.

Новиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен беше обвинет за силување во афера од 2009 година. А избор за министер за правда, славниот адвокат Ерик Дупон-Морети, кој е сеприсутен на француските телевизии, го навлече гневот на феминистките поради неговите навредливи коментари.

– Нивото на гнев во феминистичкото движење е големо. Претходно, барем се преправаа. Сега не го прават ни тоа. Овие назначувања се акт на антифеминизам. Даман е предмет на жалба за силување а тој е на чело на полицијата. Како е можно ова – кажа Каролин де Хас, водечка француска феминистка и основачка на групата „Сите ние“.

Група од околу 20 феминистки вчера протестираше пред министерството за внатрешни работи кога Дарманен ја презема функцијата, барајќи негова оставка. А имаше протести и во Лион и во Лил.

Дарманен тврди дека односот со жената што го обвинила за силување бил согласен и поднесе тужба против неа. Обвинението за силување против министерот беше отфрлено од судот во 2018 година, за повторно да биде отворено од апелациониот суд минатиот месец.

Назначувањата за многумина сигнализираат крај на посветеноста на владата за напредок на правата на жените во Франција каде што движењето „И јас исто така“ ја подигна свеста за насилството врз жените и за сексизмот, но не успеа да предизвика промени во патријархалното општество.

Настрана од феминистичките кругови, немаше реакција за назначувањата. Прашањето за Дарманен едвај беше спомнато во парламентот, а не се огласија ниту водечките весници.

Макрон има уште две години од мандатот, но назначувањата не се од полза на неговите шанси за реизбор во 2022, наведува „Њујорк тајмс“.