Повеќе од 3.000 заразени од коронавирусот во Кина се излечени, а во Пекинг пристигнува нов тим на Светската здравствена организација, пренесуваат светските медиуми. Иако бројот на заразени се стабилизира, од Женева порачуваат дека треба да бидат претпазливи и дека се уште е рано да се прогнозира дали епидемијата забавува.

Бројот на починати достигна 910, со што го надмина бројот на жртви од епидемијата на вирусот САРС во 2013 година, кој изнесуваше 774. Повеќе од 40.000 луѓе се заразени.

Крузерот со околу 3.600 патници, кој четири дена беше заглавен во Хонгконг, конечно доби дозвола да ги истовари патниците по негативниот тест за коронавирусот. На крузерот пак во јапонското пристаниште Јокохама, потврдени се 130 заразени патници, а на бродот има и македонски државјани.

Охрабруваат информациите дека досега се излечени и пуштени од болница повеќе од 3200 пациенти. Во градот Хангџоу, покраината Џеѓанг, пуштени се дури 12 пациенти од локалната болница, што е втора група пациенти кои во оваа болница се излекувани од вирусната болест.

– Една пациентка, која е пуштена од болница, ќе мора да биде изолирана во нејзината куќа 14 дена. Освен што ќе носи заштитна маска и` препорачуваме често да проветрува, да ги мие рацете и да не излегува од дома без дозвола. Нашата болница ќе ја следи нејзината состојба – изјавил Мио Кинг, помошник директор на болницата за заразни болести „Хеганг“.

Во борбата против вирусот помагаат двете новоизградени болници.

– Сериозните случаи, пациентите кои имаат треска или многу висока температура, ги третираме така што има даваме кислород, за да имаат доволен проток, исхраната е антивирусна и антиинфекциска. Тоа е дел од целосното лекување. Некои пациенти влегоа во стабилна фаза, сите показатели им се нормализираат, имаат добра ментална состојба, некои брзо се опоравуваат по лекувањето и изолацијата, а некои би требало да бидат наскоро пуштени – рекол Џао Јујинг, директор на одделението за заразни болсети во болницата во Вухан.

Од денеска повеќе милиони луѓе се враќаат на работа после празникот за Лунарната Нова година, која беше продолжена по 31 јануари, за да се спречи ширењето на вирусот.

Мерките за претпазливост остануваат на сила, вклучително и скратено работно време и селективно отворање на работните места. Улиците на главниот град на Кина се речиси празни.