Рака беше заземена од сириските бунтовници, па потоа од припадниците на Исламска држава (ИД) кои ја прогласија за главен град на калифатот, за од неодамна да дојде под контрола на курдските и арапските борци од Сириските демократски сили, по жестоките борби во текот на седумгодишната граѓанска војна во Сирија, пишува „Вашингтон пост“.

Рака сега е изолирана од остатокот од државата, особено бидејќи не функционира никаков облик на телефонија во градот. Луѓето што се задолжени за управување со Рака, воглавно се наоѓаат во Аин Иса, до каде што се потребни два часа возење со автомобил. Комуникацијата помеѓу властите се одвива исклучително тет-а-тет, со што тие секојдневно поминуваат повеќе часови во патување.

– Дури и за мене, четиричасовното патување од курдскиот град Кобани до Рака беше исцрпувачко и исполнето со неспокој, особено на секој контролен пункт – објаснува новинарот на „Вашингтон пост“.

Жителите на Рака се соочуваат со обемна бирократија за да добијат дозвола за напуштање на градот, што може да биде и исклучително скапо за оние кои не поседуваат автомобил.

Јахија ал Хајун (60) продал се што поседува за да собере 25 илјади долари за обнова на неговиот дом и ресторан во Рака, но се соочил со дополнителни потешкотии бидејќи морал да патува околу четири часа до Кобани за набавка на потребниот градежен материјал.

– Имав чувство дека надвор од Рака постои сосема различен свет. Во мојот свет се навикнавме на војната, па претпоставувавме дека и остатокот од државата живее на ист начин – вели Хајун, опишувајќи ги пределите кои не биле погодени во голема мерка од оружените судири.

Тој бил вчудоневиден кога ги гледал селата, како и овците и камилите покрај патиштата. А особено бил изненаден од начинот на кој Кобани е обновен, и покрај борбите за кои слушал дека се случиле таму.

– Со години ја слушавме пропагандата на Исламската држава за Кобани. А еве го сега, како ништо да не се случило – истакна Хајун.