Германскиот весник „Билд“ објави дека напаѓачот кој во градот Ханау во Германија синоќа со огнено оружје уби девет луѓе е радикален десничар идентификуван како Тобиас Р.

По масакрот, полицијата го пронашла напаѓачот мртов во неговиот дом каде било пронајдено уште едно тело. Покрај неговото тело било пронајдено писмо, кое, како што објави „Билд“ било конфузно, но во него можеле да се забележат очигледни екстремно десничарски политички ставови.

Нападот се случи синоќа во два наргиле-барови во градот во близина на Франкфурт. Напаѓачот е германски државјанин.

Според првичните информации, некои од жртвите се Курди. Во текот на денов би требало да бидат познати повеќе информации како и мотивот за нападот. Исто така, не е позната возраста на напаѓачот, ниту чие е телото кое било пронајдено до него.

Полицијата соопшти дека истрагата е во тек.