Американски претставници изјавиле дека украинскиот патнички авион кој се урна во Техеран по грешка бил соборен од иранска ракета. Авионот се урна вчера набрзо по полетувањето од аеродромот во Техеран, при што загинаа сите 176 патници и членови на екипажот.

До несреќата дојде само неколку часа откако Иран ракетираше американски воени бази во Ирак. Техеран го изврши нападот како одмазда за смртта на генералот Касем Солејмани кој беше убиен минатата недела во американски воздушен напад во Багдад.

Неименувани американски извори велат дека се убедени оти иранските системи за противвоздушна одбрана го собориле авионот Боинг 737-800, а тоа тврдење го поткрепуваат со сателитски, радарски и електронски податоци, објавија американските медиуми.

Њузвик цитираше претставник на Пентагон и на американското разузнавање, како и ирачки разузнавачи, кои се уверени дека украинскиот авион бил соборен со руска ракета Тор. Американски разузнавачки извор за Си би ес њуз изјавил дека сателитите забележале инфрацрвени сигнали од две ракетни лансирања, како и сигнал од експлозијата.

Пентагон одби да коментира.