Роберт Мјулер

Кремљ денеска го поздрави резултатот од речиси двегодишната американска истрага, која заклучи дека претседателот Доналд Трамп не соработувал со Русите за време на кампањата за претседателските избори во САД во 2016 година.

– Наводите изнесени против Русија за мешање во изборниот процес се безвредни. Тешко е да се најде црна мачка во темна соба, посебно ако ја нема – изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков и потенцираше дека Москва е подготвена да ги подобри односите со Вашингтон, но дека САД се први на потег.

За време на двегодишната истрага на Роберт Мјулер за можна руска вмешаност во американските претседателски избори во 2016 година беа издадени повеќе од 2.800 судски налози за сведочење и беа спроведени речиси 500 претреси.

Трамп од почетокот на истрагата отфрлуваше секаква поврзаност на луѓето од неговата претседателска кампања со Русија, оценувајќи дека таа претставува „лов на вештерки“.