Известувачот на ООН за тортура испрати отворено писмо до американскиот претседател Доналд Трамп и го замоли да го помилува основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж. Како што изјави, Асанж не е „непријател на американскиот народ“.

– Ве молам, ослободете го Асанж, бидејќи тој не е и никогаш не бил непријател на американскиот народ. Неговата организација ‘Викиликс’ се бори против тајноста и корупцијата низ целиот свет и затоа дејствува во јавен интерес и на американскиот народ и на целото човештво. Со помилување на Асанж, господине претседател, ќе испратите јасна порака за правда, вистина и хуманост до американскиот народ и светот. Ќе рехабилитирате храбар човек кој бил подложен на неправда, прогон и понижување повеќе од една деценија, само затоа што ја кажал вистината – напиша Нилс Мелцер.

Британски суд во четврток, 4 јануари, ќе одлучува за американското барање за екстрадиција на Асанж. САД сакаат да го гонат за објавување стотици илјади доверливи документи. Во пресрет на британската одлука, основачот на „Викиликс3 беше затворен во високо-безбедносниот затвор Белмарш во Лондон, каде што според Мелцер, условите се лоши.

Мелцер рече дека го посетил Асанж во затворот со двајца независни лекари и дека може да потврди дека неговото здравје значително се влошило до тој степен што неговиот живот сега е во опасност. Во писмото до Трамп, тој наведува дека 49-годишниот Австралиец има проблеми со дишењето, што го прави многу подложен на инфекција со коронавирус, која неодамна се појави во тој затвор.

Тој додава дека Асанж не хакирал и не украл ниту една од информациите што ги објавил, но ги добил од извори и автентични документи на ист начин како што работи секој друг независен и сериозен истражувачки новинар. Асанж би можел да добие 175 години затвор за објавување на повеќе од 700.000 доверливи документи за американските воени и дипломатски активности, особено во Ирак и Авганистан, од 2010 година.