Во изминатите безмалку два месеца, „Фејсбук“ се справува со новиот бран на критики за неговите политики за модерирање на содржината, особено на говорот на омраза и на дезинформациите што се шират на неговите платформи, пренесува Си-ен-ен.

Ваквата ситуација придонесе за одредени промени на политиките на „Фејсбук“ и компанијата соопшти дека работи на спречување на омразата и на притисокот врз гласачите. Но активистите уште не се задоволни и истакнуваат дека ќе продолжат да бараат промени, како што е барањето за „Фејсбук“ да воведе забрана на политички маркетинг што вклучува лаги.

Притисокот би можел да ја оспори долгогодишната желба на извршниот директор на „Фејсбук“ Марк Закерберг за зачувување на слободното изразување на платформата, особено од јавните личности. Но, поради големината и моќта на „Фејсбук“, како и влијанието на Закерберг во компанијата, нејасно е во колкава мера би дошло до промени.

„Фејсбук“ моментно се соочува со проблем. А маркетинг-бојкотот е ситуација со каква што платформата досега не се соочила. Додека компаниите што го бојкотираат „Фејсбук“ се познати и имаат длабоки џебови, поголемиот дел од приходите на „Фејсбук“ од огласи доаѓа од компании со средна големина. А кога предвидениот едномесечен бојкот ќе помине, некои од компаниите би можеле да одлучат да ја обноват сорабитката со „Фејсбук“.

Згора, Закерберг не може да биде сменет од акционерите, што го прави „Фејсбук“ помалку подложен на надворешен притисок во однос на другите бизниси.

А дури и во екот на контроверзиите, „Фејсбук“ наоѓа нови можности. Откако Индија неодамна го забрани Тикток, „Инстаграм“ почна со тестирање на нова апликација во државата, наречена „Рилс“ Овој потег би можел да го зголеми присуството на Фејсбук на еден од најголемите светски пазари и да покаже оти компанијата има уште можности за раст, наспроти предизвиците со кои се соочува.