На деловната конференција на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург учествуваше панелистката Катерина Тихонова, која е заменик-директорка на Институтот за математички истражувања на комплексни системи на Државниот универзитет во Москва. Меѓутоа, еден важен детаљ беше изоставен од нејзината биографија – дека таа е ќерка на рускиот претседател Владимир Путин, пренесува „Вашингтон пост“.

Нејзината поврзаност со Путин не беше спомената во ниту еден момент за време на конференцијата, но модераторот ја нарече со нејзиното татково име: Катерина Владимировна.

Путин претпочита голема тајност кога станува збор за неговото семејство. Тој никогаш досега не го откри јавно идентитетот на неговите две ќерки. Многумина во Русија знаат кои се тие, но никој не се спротиставува на правилата на Кремљ.

Тихонова (34) и другата ќерка на Путин, Марија Воронцова, која се занимава со генетика, постепено се пробиваат од 2018 година па досега во нивните полиња, и често се во центарот на вниманието на медиумите. Иако тие не се директно вклучени во политичката сцена, тие имаат влијателни позиции во деловни субјекти блиски со државните претпријатија.

И Тихонова и Воронцова се ќерки на Људмила Путин, која три децении беше во брак со Владими Путин пред нивниот развод во 2013 година. Двете ќерки се родени во 80-тите години на минатиот век, додека тој бил шпион на КГБ.

Ваквиот пристап и однос е спротивен на оној од другите западни земји, каде што децата на државни лидери честопати се во центар на вниманието на јавноста. Децата на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, имаа влијателни улоги во неговата претседателска кампања и администрација.

Путин успешно ги избегнува прашањата во врска со идентитетот на неговите ќерки, повикувајќи се на безбедносни проблеми. Тој дури и ретко ги споменува своите деца. Исклучок беше минатата година, пред да биде одобрена првата руска вакцина против ковид-19, „Спутник 5“, кога Путин рече дека една од неговите ќерки самата ќе ја прими вакцината. Сепак, тој не ја спомена по име неговата ќерка.

– Моите ќерки живеат во Русија и студираа во Русија. Јас сум горд на нив. Тие течно зборуваат три странски јазици. Јас никогаш не разговарам за моето семејство со никого. Секоја личност има право на својата судбина, живее свој живот и го прави тоа достоинствено – изјави Путин.

Подоцна, во 2019 година, Путин беше прашан од репортерката на „Би-Би-Си“ во Русија, Фарида Рустамова, кога тој јавно ќе ги признае двете жени за свои ќерки, бидејќи многумина го знаат нивниот идентитет, иако тој претставува своевидна јавна тајна.

– Вашите стари пријатели, управители на државни компании, им помагаат на овие две жени во своето деловно работење. Телевизиските канали почнаа да ги прикажуваат многу често. Секој знае како тие изгледаат. Кога ќе признаете дека тие се ваши деца? – праша Рустамова.

Додека одговараше, Путин повторно избегна да ги спомене имињата на неговите ќерки.

– Вие поставивте прашање поврзано со работењето, а потоа споменавте имиња. Вие само наведовте неколку факти. Тоа не е доволно. Копајте малку повеќе и ќе сфатите каква деловна активност имаат тие двете и што поседуваат, како и кој кому му помага  – одговори Путин.