Во ескалацијата на минатонеделниот протест на француските рибари, Франција сакаше да ги смири дипломатските води, но Брисел порача дека Кралството ги прекршило одредбите од трговскиот договор, пишува „Гардијан“

Брегзит предизвика рибарски спор меѓу Франција и Велика Британија

Европската Унија (ЕУ) ја обвини Велика Британија за прекршување на условите на трговскиот договор по брегзит минатиот четврток, откако тензиите за правата на риболов во каналот Ла Манш се намалија по драматичните 24 часа. Тврдењето на Брисел дека Лондон ги поништил правилата се случи кога 60 пловни објекти го блокираа пристаништето во Џерси, Франција на тоа испрати двата патролни брода „ПЦГ Атос“ и „ПЦГ Темис“, а Борис Џонсон ја даде својата недвосмислена поддршка за островот во телефонски разговор со тамошниот гувернер, пишува „Гардијан“. На истата тема магазинот „Геополитика“ пренесува дека Франција соопштила дека забраната за пристап до нивните рибари е „брутална и тешка“, на што Велика Британија реагираше дека францускиот одговор е „изненадувачки и разочарувачки, особено кога станува збор за најблиски соседи“. Француското министерство за надворешни работи рече дека сака „брзо да ја смири“ ситуацијата пред да излезе од контрола.

 Зошто Борис Џонсон испрати воени бродови?

Британскиот премиер Џонсон минатата недела испрати два патролни брода покрај брегот на островот Џерси во Ла Манш, откако француските рибари почнаа да го блокираат најголемото пристаниште Сент Хелиер на островот, незадоволни затоа што не можеа да добијат дозволи за риболов по брегзит и ги обвинија властите на островот затоа што им го ограничиле пристапот до водите околу него. Тие тврдеа дека биле прекршени одредбите од трговскиот договор по брегзит меѓу ЕУ и Велика Британија. Сепак, според поголемата слика, тензиите меѓу Велика Британија и членките од ЕУ се должат на проблемите по британскиот референдум од 2016 година.
„Гардијан“ во својата анализа на оваа тема наведува дека кога Велика Британија ги напушти единствениот пазар на ЕУ и царинската унија на 31 јануари 2020 година, со тоа ја напушти и заедничката политика за риболов од 1970-тите години, според која мирно се делеше пленот од европските води. Со тоа му се стави крај и на договорот од Заливот Гранвил, потпишан во 2000 година од страна на Велика Британија и Владата на Каналските Острови, кој воспостави шема на права за француските бродови на оддалеченост од речиси пет километри од бреговите на островите.

Во рамките на договорот за трговија и соработка по брегзит има нов договор за риболов меѓу ЕУ и Велика Британија, кој им нуди на француските рибари продолжување на статус квото до 2026 година во зона помеѓу 10 и 25 километри од бреговите на Кралството, доколку тие може да докажат дека претходно работеле во тие води. Џерси во петокот објави список на лиценци издадени за 41 француски голем брод што може да докажат дека ги исполнувале условите за лов во водите на островот најмалку десет дена во период од 12 месеци во последните три години. Лиценците исто така покажуваат кои видови риби се ловеле и бројот на денови поминати на море. На помалите бродови им е понудена проширена дозвола за да покажат ваков доказ. Но 17 поголеми чамци не беа во можност да ги обезбедат потребните докази, а оние на кои им е дозволен пристап се жалат дека биле поставени дополнителни услови за добивање на лиценците. Француската влада рече дека тие услови се „неважечки“, тврдејќи дека тие „не биле договорени или разгледани“ со нив. Европската комисија исто така рече дека условите го кршат договорот за трговија и соработка.

Закана со прекин на струја

Договорот за трговија и соработка предвидува дека риболовниот договор за одржување на статус квото во Ла Манш содржи и механизам за решавање спорови, што може да ѝ овозможи на едната страна во екстремен случај еднострано да суспендира дел од своите обврски во договорот, но одговорот мора да биде пропорционален. Во вторникот, француската министерка за поморска политика, Аник Жирарден, ја посочи токму оваа врска дека островот се напојува со енергија од Франција и истакна дека, во краен случај, Џерси може да се повика токму на овие одредби. Затоа, француските рибари се заканија дека ќе го прекинат снабдувањето со струја на Џерси во одговорот на тензиите, искористувајќи го фактот што 95 отсто од неа доаѓа преку француските подводни кабли, пишува „Геополитика“.
Ваквите спорови се опасни, затоа што секогаш кога ќе бидат вклучени и вооружените сили, постои јасен ризик од грешки и ескалација, без разлика колку е тој мал. Таков пример е рибарскиот спор од минатиот век меѓу Велика Британија и Исланд, кој доведе до насилство во неколку наврати меѓу 1950-тите и 1970-тите години.